Белград може да биде Скопје, „Владислав Рибникар“ може да биде секое училиште и во Македонија.
Македонија мора да изработи стратегија за семејните вредности да се вратат и бидат најважни, со цел правилен развој на детето, личноста, а преку тоа до напредок во семејството и општеството. Да се почне со системски промени, до Национална стратегија за булинг и Акциски план. Министерството за образование, заедно со другите министерства кои се дел од овој синџир (Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство, Министерство за правда и сл.) мора да се реорганизираат и сериозно да превземат активности со кои ќе ја заштитат младината, генерациите кои ги изгубивме некаде меѓу технологијата, ковид пандемијата, војната, економската и политичка криза, од која наместо да излеземе, ние се повеќе ја продлабочуваме!

Во секое основно училиште да се вработат психолози, социјални работници и на друг начин со поддршка на Комората на психолози, со професори и стручни лица, да изнајдат модел, форма, начин со кои секојдневно ќе се работи и ќе се биде близу децата, учениците.

Но, не само образовниот сектор треба да го носи најголемиот товар. Тука се социјалните служби, психолозите, економскиот и финансискиот сектор (кои преку обезбедување на подобар стандард за граѓаните ќе ги ослободат родителите од секојдневната борба за преживување и трката за пари и ќе им овозможат повеќе квалитетно време со децата). Здравото семејството е најбитната алка во синџирот во креирањето на личноста на детето. Треба да се осигураме таа да остане најјака.

Заедно со наставниците и родителите ќе ги лоцираат проблемите на учениците во училиштето и надвор од него и ќе им обезбедат психолошка поддршка и внимание да почувствуваат дека не се сами, дека некој ги цени, разбира и подржува. Дека се потребни и важни за семејството и за општеството. Само со искрен пристап и разговори од страна на сите чинители може да се превенира и да имаме среќни и задоволни деца, ученици. Секогаш да бидат прашани како се, како им минува денот во училиште, надвор, дома? Што го натажува, што го плаши?

Ако ги научиме децата да не навредуваат и повредуваат други, нема да имаповредени и навредени!

Од друга страна, паралелно со превенција од булинг, насилство, депресија кај учениците, да се работи на нивно профилирање, потенцирање на нивните
вештини, амбиции и способности, со цел насочување во идно стручно образование и успешна иднина.