Што се однесува за најавеното процентуално усогласување од 6%, не би предизвикало промена на планираниот буџет ако истите тие средства наместо по 6% по пензионер, се распределат линеарно со фиксен износ за сите пензионери подеднакво од истиот тој буџет. Зошто? Затоа што 6% зголемување на вкупната сума за исплата на една месечна пензија за сите пензионери (пр. 6 милијарди денари), ќе значи дополнителни 360 милиони денари за буџетот на државата (значи 6 ,36 милијарди), било да е процентуално или линеарно. Од друга страна пак, од гледна точка на пензионерите има разлика и тоа голема од причина што процентуалното усогласување од 6% на пензија од 60.000 ден и 6% на пензија од 13.000 денари не е исто. Во првиот случај е 3.600 денари, во вториот е 780 денари. А исто така Владата може да го зголеми обезбедениот буџет од 6 % од други непродуктивни трошоци и линеарно да ја зголеми пензијата ако не за бараните 3 500, можеби за 2 000 или 2 500 денари. Сивата економија во моментов изнесува 33,2% од БДП и ги оштетува јавните финансии, буџетот на државата и социјалните фондови. За тоа е потребен бескомпромисен пристап. Преку сузбивање на сивата економија во буџетот би се слеале 450 милиони евра годишно, кои ќе се искористат за попродуктивни цели и подобрување на стандардот на граѓаните. Доколку се прифати барањето минималната пензија да биде пример најмалку 18 000 денари, сите пензии ќе пораснат за околу 6 000 денари и нема изедначување на пензиите. Ова се однесува на одредбите за остварување на право на пензија и минимслен износ. И ова нема да значи усогласување, зголемување по 6 000 денари двапати или повеќе пати годишно. Може да биде по 2 000, 2 500 или 3 000 денари. Овој момент кој зависи од Владата и се регулира со одредби за усогласување, а не стекнување и право на минимална пензија. Секоја одговорна власт треба да носи законско решение кое во моментот е најдобро за животниот стандард и реалните потреби на пензионерите. Сега треба да се гледа големата слика, не само слепо да повторуваме дека таков е законот. Пензионерите имаат право да бараат, а Владата има обврска да им обезбеди износ кој ќе им овозмжи достоинствен живот, а не да преживуваат.