Горди на минатото и со верба во иднината

Десница ги промовира културните и духовните вредности кои се длабоко вкоренети во македонската многу вековна историја и традиција. Тоа го прави потпирајќи се врз посебен концепт на светогледот чија содржина се идеите на десничарската идеологија (конзервативна, со примеси на народни елементи). За таа цел поседува интелектуален и морален капацитет, чија основа е социјалниот капитал што го поседува членството и водството на партијата.
Идеолошки фундаменти на политичката партија Десница се Илинден 1903-та и АСНОМ 1944-та. Тие се револуционерен темел и државотвоерен столб на Република Македонија. Илинден 1903 (Илинденско востание, Крушевска Република, Крушевски манифест) е наш духовен вруток и двигател! Илинден 1944 (АСНОМ, државотворни одлуки, решенија, декларација) е неговото директно отелотворување! Државотворен темелник на Република Македонија. Илинден 1903, е наш историски мит! Илинден 1944 - АСНОМ, е наша историска победа!
Илинден е светилник кој ни го осветлува патот кон иднината. Илинден е ден кога се обединети Македонеците. Во нашата меморија значајно место имаат 1903-та, 1944-та и 1991-та година. На давта Илиндена (оној од 1903-та и оној од 1944-та) природно се надоврзува Референдумот од 8 септември 1991-та година со кој според Десница се заокружува македонскиот незаборавник низ историјата. Тие се куќата и домот на секој Македонец и на сѐ што е македонско.


Во своето општествено и политичко дејствување Десница се води од честа на секој свој член и од партиската посветеност на македонските работи, кои ги обединуваат слободната мисла, изречениот збор и реализираните дела. Примарна цел е да се сочуваат вредностите кои се создавани низ вековите од страна на народниот гениј.

Како политички субјект Десница се залага за градење на отворено општество, создадено од добри граѓани. Својата инспирација за дејствување Десница ја црпи од Македонија и Македонците, во Градот, Општината и Селото. За Македонија на преден план ги истакнуваме националните и државните интереси, и ги заштитуваме и браниме со македонската национална гордост и личното и државно достоинство на сите нас во Десница.

Остварувањето на човековите права и слободи, грижата за нив и неопходната заштита, се наши примарни општествени и политички задачи.

Семејството и Домот се главниот фокус на интересирање и водење грижа за нив. Се грижиме за правилно развивање на семејството и добро организирање и функционирање на домот со цел, секој во Македонија да има добар и достоинствен живот.

Десница со својот ангажман обликува реална стварност со реални луѓе. Го напуштаме црно-белиот свет, декадентното и реакционерното, а се посветуваме на реформи, раст и развој. Цврсто, безусловно и непоколебливо се залагаме за ред, дисциплина, одговорност и морално однесување во државата и пошироко во општеството. Почитуваме законски предвидени и регулирани постапки и процедури и политичко-економски и социјални односи втемелени во Уставот и Законите. Гарант за сето ова се прифатените напредни десни нови позиции и идеологии од политичкиот спектар. Притоа, во своето дејствување Десница практикува два основни (генерални) принципи:

Принцип на знаење
Принцип на промени
Јавниот критички ум е главното политичко оружје (алатка) на Десница при спроведувањето на овие принципи. Како политичка партија од десниот пол на политичкиот спектар имаме став, гледиште и позиција – Да мислиме поинаку, да се разликуваме од другите, односно од нашите политички конкуренти. Според нас тоа е највисокото право на слободата, плурализмот и демократијата. Токму поради тоа и сме партија која промовира вистински, длабоки и коренити општествени и политички реформи.
Јасно и гласно се спротивставуаме на етничкиот, политичкиот и социјалниот популизам.

Столбови на политичката доктрина

Во овој сложен, комплициран до максимум поделен (на екстремно богати и срамно сиромашни) и загрижувачки контрадикторен свет со декларативни изјави за мир и соработка, а сѐ почести конфронтации и воени жаришта), потребни ни се столбови на сигурност за живот и работа на човекот. За нас тоа се:

 Реален човек
 Семејство
 Традиција
 Нација
 Приватна сопственост
 Пазар
 Култура на законие

Реалниот човек е составен дел на семејството, заедницата и државата. Десница не ги прифаќа апстрактните политички теории. Напротив, ние го поддржуваме реалниот човек, како дел од семејството, дел од заедницата и од државата. Тоа е човекот што го среќаваме секојдневно и со кој го споделуваме она што животот го носи. Тоа е човекот кој е соочен со предизвиците на долготрајната транзиција, со корупцијата на владеачките елити и со суровата глобализација.

Семејството е примарна и основна вредност за Десница. Согласно десничарската и конзервативна традиција ги истакнуваме почитувањето и негувањето на семејството, како неспорна примарна вредност. Грижата за семејството е почит према своите и блиските. Ние се залагаме за семејство кое е во состојба да донесува самостојни одлуки. Тоа значи да има повеќе избор во однос на хармонизацијата на работата и семејството, одгледувањето и образованието на децата. Всушност тоа е однос на љубов, грижа и одговорност спрема домот.

Традицијата е нашата лична и колективна меморија за Македонија и Македонците. Тоа е состојба на македонскиот ум, кон својата историска меморија. Нашиот здрав разум се темели на моќта на наталожените историски, културни и вековни традиции на народот. Традицијата низ вековите го чуваше македонскиот идентитет. Ние ги чуваме и развиваме традиционалните морални вредности и доблести на Македонецот, кои се пренесувале од една на друга генерација.

Нацијата е чувство и национална свест за припадност – состојба на Македонскиот ум. Без нација, национална свест, нема национален напредок кон кој се стремиме. Преферираме меѓуетничка толеранција, разбирање, соработка и мирољубие. Ние во Десница сме патриоти. Нам македонската нација ни е Татковина.

Приватна сопственост е наш концепт за сопственоста и култура на одговорност кон неа. Десница се залага за јасно поставување на сопственичките односи, при што мора да се знае кој е сопственик и кој е одговорен. Затоа и ја браниме и штитиме приватната сопственост, на преден план ставајќи ја правната заштита на сопственоста и секако промовирајќи ја културата на одговорност кон приватната сопственост.

Пазарот (слободен) е еден од столбовите на добро управуваното општество за кое се залагаме. Заедно со државата и граѓанскиот сектор, слободниот пазар го сочинуваат троножното столче на демократијата и плурализмот. Развојот на слободниот пазар е предуслов за раст и прогрес и подобар живот за сите во Македонија. Десница е за сеопфатен развој. Гаранти за него се локалната, граѓанската и приватната иницијатива. Во Десница имаме идеја и визија во кои е вклучен граѓанинот, активниот поединец, трудољубивиот работник и општествено одговорниот претприемач.

Култура на законие е наше залагање за правна држава и владеење на правото преку законите. Сведоци сме дека криминалот и корупцијата се најголема закана на македонската демократија. Демократијата може да се спаси само со владеење на правото и владеење на законите. За такво владеење неопходна ни е култура на законие. Се работи за стриктно почитување на законите и имање целосна доверба во правниот поредок. Десница енергично се спротивставува на беззаконието (аномично општество) преку енергична и беспоштедна борба против непотизмот, кронизмот, партиократијата, корупцијата и организираниот криминал.

Политичка доктрина спроведувана со управување преку идеологија и вредности

Основни цели кои ги остварува Десница во своето дејствување се:

 Политичка стабилност во Македонија
 Економски просперитет на Македонија
 Социјална сигурност на секој во Македонија

Во темелот на успешното дејствување на секој политички субјект се неговата мисија и неговите основни вредности. Денешните политички субјекти мора да знаат зошто постојат и врз основа на кои принципи функционираат. Организационото однесување, функционирање и дејствување засновано на вредности повеќе не е само интересен филозофски избор, туку и услов за опстанок на глобалниот политички пазар. Штом една организација има јасна слика за својата мисија и вредности, таа има сигурна основа да ја оцени сопствената менаџерска пракса и да ја усогласи со усвоените вредности. Тоа значи дека организацијата ги артикулира организациските вредности а луѓето во неа ги идентификуваат своите лични вредности. Токму кон тоа се стреми Десница како активен политички субјект. Десница дејствува како ефикасен и ефективен политички субјект. Стремејќи се кон лидерство, Десница етичноста ја става на преден план.
Една од најважните особини од ефективното лидерство денес е интегритетот. Вообичаено, интегритетот е алката што недостасува.. Тој е сврзникот на искреност, чесност, соработка и секако неизоставната етичност.
Интегритетот во работата се добива доколку субјектот во дејствувањето на преден план ги става вредностите За политиката тоа значи дека станува збор за пракса на управување со која:

 граѓаните се привлекуваат и мотивираат повторно да ги прифаќаат понудените политики,
 членовите да се инспирирани да го даваат својот максимум,
 раководството е одговорно,
 останатите стејкхолдери се поттикнати да ја одржуваат својата приврзаност.

Ова е идеал според кој Десница не може да се оствари без практикување на вистински и соодветни вредности. Дури и ова не е доволно. Потребен е уште еден услов. Усвоените вредности е потребно секојдневно да се практикуваат во секој сегмент од политичкото дејствување. Ова значи дека нашата мисија и усвоените вредности мораат да бидат усогласени со визијата што ја имаме.
Сето тоа треба да се сфати и прифати како начин на кој внесуваме позитивна енергија во нашите политики и целиме да обезбедиме благосостојба на граѓаните, управувајќи со државните и општествените работи. Едноставно кажано мораме успешно да ја извршиме нашата мисија. Да обезбедиме работно окружување во кое членовите на партијата ќе се чувствуваат исполнети, а граѓаните на кои им се обраќаме ќе бидат задоволни од нашите политики.

За едно секогаш мора да бидеме свесни: Вистинскиот успех не доаѓа како резултат на рекламирањето на нашите вредности, туку како резултат на нивната постојана примена во нашите секојдневни активности.

Ова е една магична поврзаност на нашите вредности со мисијата што ја имаме. Практично тоа значи дека кога обичните просечни луѓе се усогласени околу заеднички вредности и обединети во заедничка мисија, најчесто тие постигнуваат натпросечни резултати. За остварувањето на оваа поврзаност Десница практикува етичност, извонредност и успех.

Етичност. Постапките на Десница се исправни, морално оправдани и етични.
Извонредност. Преку извонредноста Десница создава систем на квалитет и постојано го практикува.
Успех. Десница успехот го постигнува преку изградба на темели за наш опстанок и раст.

Кога вредностите се вистински?
Тоа е случај кога почнуваат да дејствуваат како силен магнет, кои не собираат околу нашата заедничка тема - нашите вредности за додадена вредност на Македонија. Инаку во пракса управувањето преку вредности не е едноставна и лесна работа. Самото прифаќање на управување преку вредности како ефикасна деловна филозофија не значи дека примената на истото оди лесно.

На многу учесници во политиката (политички партии, политичари, менаџери) им недостасува чувство за конкретна мисија и остварување на зададените цели во политичкиот натпревар во освојувањето на власта. Овој проблем Десница го решава почнувајќи од неговите корени. Тука, пред сѐ, се мисли на: мисија, цели, посветеност, мобилизирање, поттикнување, организирање, упорност, истрајност, одлучност, позитивна енергија и сл.
Наша мисија е да се научиме себеси и другите како да го мобилизираме најдоброто во нас за полесно да ги постигнеме нашите цели и да бидеме задоволни од работата и животот. За остварување на истата неопходен ни е интегритет во работењето, љубов кон блиските и останатите и чувство на успешност во животот.
Еве една листа на вредности кои можат да ни бидат мапа, практичен водич и рамка во нашиот бизнис и живот воопшто. Секако и во политиките што сакаме да ги спроведуваме, а притоа, да имаме резултати и да постигнуваме успех:

• извонредност • креативност • среќа
• иновативност • интегритет • љубов
• упорност • искреност • чесност
• оригиналност • праведност • доверба
• вистина • квалитет • успех
• услужливост • храброст • мудрост
• почитување • одговорност • соработка
• флексибилност • забава • авантура
• слобода • хумор • иницијатива
• чест • ефикасност • исполнетост
• разбирање • единство • трпение
• хармонија • едноставност • милосрдие
• верба • благодарност • толеранција
• мир • чистота • правдина

Табела: Вредности на Десница



Десница е на стојалиште дека овие вредности претставуваат добра основа за промена на организациската и политичката култура кон подобро. Несомнено е дека било која вредност од нив сама или во комбинација со неколку други може да ни даде голема енергија во работата. Обично луѓето се стимулирани од меѓусебен ентузијазам и велат дека чувствуваат обновена надеж или повторна верба како резултат на тоа што постојано слушаат приказни за успех или лично успехот го гледаат на дело. Влијанието кое овој процес го има врз животите на луѓето, со влијанието што го има во работното опкружување, за нас во Десница претставува еден од највозбудливите аспекти на целата оваа приказна за неопходноста од вистински вредности при создавањето на успешна политичка партија.

Промени. Промената во приватниот живот на луѓето секогаш претставува награда која им донесува задоволство и инспирација. Промените во работата пак носат резултати, резултатите успех, а успехот задоволство и исполнетост. За таа цел Десница најпрвин усвои вистински вредности, и се стреми секогаш да се придржува кон нив во својата политичка и општествена активност.


Постојната (стара) парадигма да нагласуваме што луѓето постојано работат погрешно ја замениме со нова парадигма, така што едни со други се охрабруваме дека работиме исправно. Тоа е нов систем на вредности, кој може да биде извор на нашата извонредност и квалитетот што го создаваме.

Сето ова е многу блиску до сонот на секој политички бренд што сака да биде успешен: Нудење на квалитетни и прифатливи политики, прифатени од граѓаните-избирачи. Тоа подразбира луѓето да станат наш најважен ресурс. За Десница најголемата придобивка од усвоените вредности во нашиот живот се пријатноста и задоволството при извршувањето на политиките и преземените потези во интерес на граѓаните. Тие се скалилата што водат до нивото на исполнетост, највозвишеното ниво кон кое стреми секој политички субјект, но и секој човек во животот. Исполнетоста е знак дека сме вложиле труд, нешто сме сработиле, тоа донело резултати кои прават да се чувствуваме успешни.



Десница
Претседател,

м-р Билјана Јовановска